За 5 отсто повисока плата од следниот месец ќе добиваат над 19.000 здравствени работници. Самостојниот синдикат за здравство и ресорниот министер потпишаа спогодба за платите во здравствената дејност.
„Платата и понатаму останува најзначајна тема “ – вели Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Со оваа спогодба докторите специјалисти на универзитетските интерни Клиники ќе добијат во просек за 3.756 денари повисока плата, а докторите специјалисти во општите болници ќе земаат плата поголема за околу 4.060 денари. Лекарите специјалисти на универзитетските Клиники за хируршки болести ќе добијат повисоки плати за 4.548 денари, а покачувањето за средно-медицинскиот кадар во универзитетските клиники и општите болници ќе биде за околу 1.500 денари.
За матичните лекари кои претходно изразија разочарување што не се опфатени со покачувањето, министерот вели дека се разгледува можноста од следната година за нив да се зголеми капитациониот бод.
„Разговараме за моделите и до крајот на годината ќе имаме еден целокупен пакет што ќе го имплементираме во нашиот систем“ – вели Венко Филипче, министер за здравство.
Платата од 100.000 денари за лекарите, што беше предизборно ветување на СДСМ ќе почека до следната година. Премиерот се надева дека ветувањето ќе се реализира во јануари.