Потпишан договор за извоз на украинска пченица преку Црното Море

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и министерот за инфраструктура на Украина, Олександр Кубраков денеска потпишаа посебни договори со Обединетите нации и Турција за олеснување за извозот на жито од Украина. За овие договори шефот на ОН, Антонио Гутереш рече дека ќе им бидат од корист на земјите во развој кои се наоѓаат „на работ на банкрот и најранливите луѓе на работ на гладот.“

Турскиот претседател Таип Реџеп Ердоган додаде на церемонијата на потпишување во Истанбул дека договорот ќе помогне да се олесни глобалната инфлација на храната со одблокирање на извозот на околу 22 милиони тони жито и други земјоделски производи кои се заглавени во пристаништата на Црното Море поради војната.

Тој додаде дека спроведувањето на договорот треба да започне во наредните денови и ќе ја води заеднички координативен центар во Истанбул.

„Денес има светилник на Црното Море. Светилник на надеж, можност и олеснување во свет на кој му е потребно повеќе од кога било“, изјави Гутереш попотшишувањето на договорите.

„Ги надминавте пречките и ги оставивте настрана разликите за да го отворите патот за иницијатива која ќе им служи на заедничките интереси на сите“, додаде тој.

Михајло Подољак, врвен советник на украинскиот претседател, претходно ги наведе деталите од договорот, во кој се вели дека „нема да има придружба на транспорт на жито со руски бродови, ниту ќе има присуство на руски претставници во нашите пристаништа“.

„Во случај на провокации, ќе има итен воен одговор“, напиша тој, додавајќи дека сите инспекции на транспортните бродови ќе ги вршат заеднички тимови во турските води „доколку се појави потреба“.

Гутереш рече дека најголемиот извозен центар на земјата Одеса ќе биде повторно отворен, заедно со пристаништата во Черноморск и Јужни.

Највисокиот дипломат на Европската унија, Жозеп Борел, рече дека Унијата го поздравува договорот, нарекувајќи го во твит „критичен чекор за надминување на глобалната несигурност во храната предизвикана од агресијата на Русија против Украина“.

Американскиот претставник во ОН рече дека Вашингтон го поздравува договорот и ќе работи на тоа Русија да биде одговорна за неговото спроведување.