„Потполковникот“ – нов роман од Димитар Пандев

Во едицијата Современа македонска проза на „Матица македонска“ од Скопје, излезе од печат првиот роман на универзитетскиот професор Димитар Пандев, автор на бројни научни трудови од областа на македонистиката и литературната критика.

„Потполковникот“ е повест составена од пролог и епилог на едно поранешно, но не така одамна минато време. Како засебна целина, оваа повест се вклопува во раскажувачката целина со триптихонот „Излегување од приказните“, „Приказни од поранешните“ и „Пропатување низ приказните“, но и отвора можност за многу други приказни.

Во препораката на ова дело, поетот Славе Ѓорго Димовски констатира дека „Потполковникот“ е топло раскажана приказна, која читателот го враќа во седумдесеттите години на минатиот век, во време на безгрижност, созревања и големи очекувања, а сето тоа видено, сфатено и прераскажано преку приказните на еден гимназијалец. Ова, можеби е прв роман во македонската литература со тема од средношколскиот живот, констатира Димовски.