Потпретседателот на Бундестагот се заложи за отворање на Северен тек 2

Германија би требало да го стави во функција гасоводот Северен тек 2 за да се подготви за зимата, изјави во петокот потпретседателот на германскиот парламент Волфганг Кубицки, истакнувајќи дека приоритет на владата би требало да биде стабилното снабдување со гас,

„Би требало да побрзаме и да го отвориле Северен тек 2 за да ги наполниме своите резервоари со гас за зимата. Не постои разумна причина тоа да не се направи“, изјави Кубицки во разговорот за RedaktionsNetzwerk Deutschland.

Ја отфрли забелешката на новинарот дека тоа би можело да биде протолкувано како „триумф“ на рускиот претседател Владимир Путин.

Приоритетот на владата, според Кубицки, би требало да биде стабилното снабдување на стопанството и домаќинствата со гас, а „кога складиштата ќе бидат полни, можеме повторно да го затвориме Северен тек 2, но и другите гасоводи, кога ќе станеме независни од рускиот гас. Но, сѐ уште не сме во таа позиција“, истакна.

Неговиот предлог беше критикуван од сопартијците во Либерално демократската партија на Германија (FDP), кои се малцински партнер во владата на канцеларот Олаф Шолц од Социјалдемократската партија на Германија (SDP).

Челникот на FDP, Кристијан Дир, изјави дека „интензивно дискутира за тоа како оваа земја да се избегне заканувачката енергетска криза. Како партија, изнесовме низа предлози, а отворањето на Северен тек 2 не е меѓу нив“.

Исто така, Дир рече дека отворањето на овој гасовод, за кој по притисоците од САД, Берлин го суспендираше издавањето на дозволата и пред почетокот на војната во Украина на крајот од февруари, „би им испратил погрешен сигнал на нашите европски партнери“.

Предложи наместо тоа трите преостанати германски нуклеарни централи привремено да продолжат да работата за да се ублажи притисокот врз енергетскиот пазар. Германија одлучи да ги затвори во рамките на политиката за напуштање на нуклеарната енергија по несреќата во јапонската нуклеарка Фукушима Даичи во март 2011 година.

Изјавите на Кубицки ги критикуваа и од подмладокот на FDP. Предлогот го одбележува „истата наивност во односот кон Русија која и нѐ доведе во оваа опасна ситуација на енергетска зависност од Русија“, изјави лидерката на подмладокот Франциска Брандман.

Но Кибицки беше поддржан од челникот на енергетската комисија на Бундестгот, Калус Ернст од опозициската Левица, кој на Twitter објави дека „би било мудро да се преговара со Русија за гасот, Германија не треба да страда од сопствените санкции“.

Заменикот портпарол на сојузната влада, Волфганг Бухнер, подоцна на брифинг за новинарите рече дека не се дискутира за обновување на проектот Северен тек 2.

„Го запревме процесот на сертификација на Северен тек 2 од добро познатите причини. За продолжување на проектот во моментов не се разговара“, рече Бухнер одговорајќи на прашањето за сѐ повеќето предлози од германски политичари за отворање на гасоводот.

„Кога станува збор за капацитетот за гасоводот, канцеларот за тоа зборуваше уште на 3-ти август… Има доволно моќност во Северен тек 1, нема пречки да се исполнат сите обврски на Русија за испорака на гас во Европа преку овој гасовод, како и преку украинскиот гасовод кој сѐ уште работи“, рече Бухнер.

Гасоводот Северен тек 1 работи само со петтина од капацитетот поради тоа што руски „Газпром“ го намали протокот поради неможноста поради западните санкции да ги санира преостанатите гасни турбини на германски „Siemens“. Истовремено, транзитната мрежа преку Украина работи само преку еден крак, исто така со прекини поради начинот на плаќањето кое Киев на го прифаќа поради санкциите за рускиот финансиски и банкарски систем.