Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски, оствари средба со заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој учествува на годинешното издание на Преспа форумот за дијалог во Охрид.
На средбата беше истакнато дека односите меѓу Македонија и САД бележат постојано унапредување што беше потврдено и со почетокот на процесот за Стратешки дијалог во Вашингтон на 2 јуни 2022 година.
Ескобар, ја нагласи неопходноста од итен почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ и ја потенцираше поддршката на САД за изнаоѓање заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања со Република Бугарија.
Секое натамошно одлагање на тој процес, нагласија двајцата соговорници, предизвикува сериозни регионални последици и ги поттикнува ризиците за зголемено влијание на трети страни.
Премиерот Ковачевски на средбата ги посочи придобивките од иницијативата „Отворен Балкан“, која, како што потенцираше заменик-помошникот на државниот секретар Ескобар, САД целосно ја поддржува и ја оценува како особено значајна за регионалниот развој и за забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан.
Ковачевски и Ескобар разговараа и за актуелната состојба во светски рамки, кризата предизвикана од воената агресија на Русија врз Украина, која уште еднаш е оценета како неоправдана и со ништо неиспровоцирана и како исклучително сериозна за меѓународната безбедност и сигурност.
Премиерот Ковачевски во разговорот со Ескобар истакна дека Македонија продолжува да ги применува стратешките политички определби за поддршка на процесите за активно учество на Македонија во операциите на НАТО, како и за забрзување на интеграцијата на Македонија во ЕУ.