
Поранешниот американски претставник за Западен Балкан, Ричард Гренел, најави дека итно е потребна темелна и независна истрага за експлозијата на каналот Ибар-Лепенац.
„Постои потреба веднаш да се спроведе темелна и независна истрага за овој инцидент. Сите треба да знаеме кој го направил тоа и зошто“, напиша Гренел на својот профил на мрежата Х, пренесува Танјуг.
Во таа објава тој ја сподели веста за експлозијата на каналот и за зајакнување на безбедносните мерки.
Во петокот вечерта во селото Вараге кај Зубин Поток се случи експлозија, при што беше оштетен каналот Ибар-Лепенац, поради што беше прекинато водоснабдувањето, а Приштина го обвини Белград за нападот.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека Србија недвосмислено негира каква било вмешаност во нападот на каналот Ибар-Лепенац и повика на темелна, непристрасна и транспарентна истрага за овој чин на саботажа.