Потребно e итно воведување на моделот за рехабилитација на жени жртви на семејно насилство

Потребно е итно воведување на предлог-моделот за рехабилитација и реинтеграција што ќе ги опфати сите аспекти кои се важни и клучни во процесот на напуштање на насилната средина и започнување нов живот, истакна денеска Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство на панелот на тема „Предлог модел за реинтеграција и рехабилитација на жени жртви на семејно насилство“ што се одржува во Скопје.

– Моделот ги вклучува петте најважни аспекти, а тоа се домување, психолошко советување, финансиска поддршка, образование и обуки и помош при вработување. Тоа е еден процес што треба да ги поддржи жените во донесување на одлуката, да ги охрабри да напуштат и да започнат нов живот – појасни Димушевска.

Според последното истражување на ОБСЕ што било објавено во мај годинава кое било спроведувано во земјите од Западен Балкан меѓу кои и земјава, 60 проценти од жртвите на семејно насилство биле контролирани од сторителот, немале никаков или имале контролиран пристап до финансии и нивните деца биле користени како средства за уцена за жената да не го напушти партнерот. Од сите испитани жени, 19 проценти или секоја петта жена е жртва на економско насилство од партнерот, а жените кои трпеле семејно насилство во минатото, а не биле во можност да обезбедат живеалиште или храна за себе и своите деца поради тоа не ја напуштиле насилна средина, во последните 12 месеци, односно во текот на 2018-та, повторно биле изложени и се соочиле со повеќе форми на семејно насилство.

– Овие податоци ни ја покажуваат неопходната и итната потреба за воведување на ваков модел на рехабилитација и она што со задоволство можам да го соопштам е дека како посебен член е влезен во новиот Закон за насилство врз жени и семејно насилство, што сега ќе влезе и во процедура на усвојување – посочи Димушевска.

Претседателката на Клубот на пратенички во Собранието Ѓулумсер Касапи посочи дека овој ден (Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените) го означува почетокот на глобалната кампања на која Клубот на пратенички со оваа панел дискусија се приклучува кон активизам за спречување на насилство врз жени и девојчиња кое ќе трае 10 дена, а ќе заврши со Светскиот ден на човекови права.

– Почетокот и крајот на кампањата која се организира за зголемување на свеста и преземање конкретни мерки за прекинување на насилството врз жените, не се одбрани случајно туку со цел да се направи поврзување меѓу насилството врз жените и кршењето на човековите права. Токму насилството врз жените е едно од најчестите и најактуелните и воедно најмалку препознатливи прекршувања на човекови права од што во светски рамки страда секоја трета жена – рече Касапи.

Додаде дека Клубот на пратенички отсекогаш делувал со заедничка и единствена цел – преку законски решенија да се постигне родова еднаквост и унапредување на правата на жената.

– Континуирано продолжуваме во борбата против семејното насилство, а пример за тоа се иницијативите меѓу кои со поддршка на Клубот за пратенички во Законот за семејство вградена е посебна глава за заштита на жртви од семејно насилство, со измените во Законот за игри на среќа и забавни игри поднесени од Клубот на пратенички се формира посебен фонд за борба против семејно насилство – дополни Касапи.