Земјотрес го погоди подрачјето северно од Фиренца во понеделникот утрото, при што се оштетени неколку згради, а железничкиот сообраќај поради претпазливост е привремено запрен.
Потресот со магнитуда од 4,8 степени според Рихтер ги погоди централни Апенини во 3,30 часот објави Американскиот геолошки завод (USGS).
Според агенцијата Ansa, околу седумдесет земјотреси се регистрирани во последните 12 часа во областа Мѕџело во Тоскана, а најсилниот бил со магнитуда од 4,5 според Рихтер, според италијанскиот сеизмолошко-вулканолошки институт Ingv во 4,37 часот по локално време, почувствуван во Фиренца и Пистоја.
Првиот потрес е регистриран во 20,38 часот во неделата вечерта кога Националниот институт за геофизика и вулканологија регистрирале земјотрес со магнитуда од 2,6 со епицентар на Скарперија и Сан Пјеро. И двете општини, заедно со општината Барберино се дел од областа Муџело, која епицентар на сите други потреси кои се регистрирани до 8 часот наутро, од кои девет биле со магнитуда над 3 а 36 со магнитуда над 2 степени.
Засега нема извештаи за жртви, соопшти противпожарната служба. Луѓето истрчувале од своите домови, но нема штети.
Според телевизијта Tgcom24, неколку објекти биле оштетени во потресите. Во општините Борго Сан Лоренцо, Барберино ди Муџело и Викио, во понеделникот е откажана наставата. Весникот Repubblica пренесува дека железничкиот сообраќај е запрен во споменатиот регион, вклучително и брзите возови меѓу Фиренца и Болоња.
Земјотрес со магнитуда од 6 степени според Рихтер ја погоди централна Италија ноќта на 24 август 2016 година, кој предизвика штети во три региона: Лацио, Марка и Умбрија. Во стихијата имаше 298 жртви и неколку стотици повредени, а над 3.000 луѓе останаа без покрив над главата. Тогаш повеќе од 45.000 последователни потреси беа регистрирани во централна Италија, а оној со магнитуда од 6,6 степени во 2016 година беше најсилниот во последните 36 години.
Во 2016 година во централна Италија се случија три големи земјотреса. Првиот со магнитуда од 6,0 беше регистриран на 24 август, и во него загинаа 298 луѓе. Вечерта на 26-ти октомври во истиот регион се случи серија подземни удари од кои најмоќниот имаше магнитуда 5,9. Утрото на 30 октомври, пак,беше регистриран земјотрес со магнитуда од 5,5 кој предизвика разурнувања во стотина места во четири италијански региони, Марке, Умбрија, Лацио и Абруцо. Сиве овие потреси беа проследени со долготрајни серии моќни афтершокови.
Земјотресот од 30 октомври 2016 година беше најсилниот во Италија од оној во ноември 1980 година во областа Кампанија, во близина на Неапол, кога загинаа 3.000 луѓе. Земјотресот, пак, кој ноќта на 6 април 2009 година го погоди градот Аквила однесе 309 животи, а беше со магнитуда од 5,8. А најмалку 95.000 луѓе загинале во катастрофалниот земјотрес со магнитуда од 7,1 степени во Месинскиот теснец во 1908 година.
Италија е сеизмички една од најактивните области во светот, особено по должината на планинскиот венец, бидејќи со еден дел се наоѓа на евроазиската а со другиот на африканската тектонска плоча. На италијанските Апенини, кои се протегаат од Лигурија на северозападот па сé до Сицилија на југ, доминираат раседи во Земјината кора, а секој во просек е долг од 10 до 20 километри. Научниците објаснуваат дека сегашната сеизмичка активност со еден вид „растегнување“ на Апенинскиот полуостров од исток кон запад, и укажуваат на тоа дека потресите со различна сила, најверојатно, ќе продолжат.