Потрошени 6,5 милиони евра на тендери, најчесто за само една фирма, обелодени министерот за информатичко општество, Азир Алиу

Во периодот од јануари 2021 година до јуни 2023 година Министерството за информатичко општество и администрација потрошило 6,5 милиони евра за тендери на кои се јавувала најчесто само една фирма и таа ги добивала. До овој податок дошол Државниот завод за ревизија анализирајќи 18 договори по случаен избор вредни 6,5 милиони евра. На 14, од вкупно 18 тендери, се јавила само една фирма. Министерот за информатичко општество, Азир Алиу, кој денес на прес-конференција ги презентира наодите на ревизорите, вели дека во следниот период ќе бара начин да ги поттикне компаниите да даваат свои понуди на огласите.
„Ова влијае на конкурентноста и на изборот. Државните институции се принудени да плаќаат повисоки цени поради малата понуда од компаниите. Во наредниот период ќе организираме средби, на кои ќе ги информираме навремено, уште во фаза на анализа на пазарот, сите компании што ќе бидат заинтересирани за да може понатаму во постапките да се заинтересираат и да одговараат на нашите повици“, рече министерот Алиу.

Тој веќе имал средба со претставници на Стопанската комора за овој проблем. Побарал објаснување од компаниите зошто не се заинтересирани за учество на тендерите од државните институции.

„За жал, одговорот од некои од нив е дека немаат доверба во институциите и не трошат ресурси да се пријават. Сега од тендерската документација е очигледно за која компанија е огласот“, вели Алиу. Се разочарал кога му било посочено дека министерот не може да го прекине процесот иако има само една компанија, која не продолжува на јавно наддавање оти нема со кого да наддава, па смета дека и оваа фаза од постапката треба да се подобри.

Алиу најави дека и самите ќе прават анализа на склучените договори за да најадат начин за подобрување на состојбите.

Наодите од ревизорскиот извештај, во кој има забелешки и за неекипираноста на Министерството, е објавен и на веб-страницата на Министерството за информатичко општество.