Потрошувачите во еврозоната очекуваат значително помал раст на платите од инфлацијата следното лето

Потрошувачите во еврозоната очекуваат цените да пораснат повеќе од двојно побрзо од платите на крајот на летото следната година, во услови на благ пад на економската активност, покажа објавеното во петокот истражување на Европската централна банка (ECB).

На крајот на летото идната година годишната стапка на инфлација ќе изнесува 2,7 отсто, проценуваат потрошувачите во истражувањето спроведено во јули и ќе биде само малку пониска отколку во летните месеци и на крајот на пролетта. До крајот на летото 2027 година би требало да падне на 2,3 отсто, според средната проценка, што би значело дека ECB нема да ја достигне целната стапка на инфлација од два отсто за три години, според јавноста.

Европската централна банка проценува дека стапката на инфлација следната година во просек ќе биде 2,2 отсто, а во 2026 година ќе се намали на 1,9 отсто.

Во август, според пресметките на Европската статистичка служба, цените биле за 2,2 отсто повисоки од лани. Eurostat треба да објави проценка за септемвриската инфлација на почетокот на следната седмица.

Според оценката на граѓаните во истражувањето на ECB, номиналните плати треба да се зголемат до крајот на летото следната година за 1,2 отсто, а номиналната потрошувачка за 3,2 отсто.

Во истиот период економијата на еврозоната би требало да се намали за 0,9 отсто, нешто поблаго отколку што досега очекуваа граѓаните. Стапката на невработеност треба да биде 7,5 отсто, покажа истражувањето.

Во истражувањето на ECB учествувале околу 19.000 граѓани од 11 земји од еврозоната, вклучувајќи ги Белгија, Германија, Шпанија, Франција, Италија и Холандија, Ирска, Грција, Австрија, Португалија и Финска.