ПОТВРДЕНИ ИНФОРМАЦИИТЕ НА НЕТПРЕС: Изборот на кадри за АНБ беше компромитиран 

Информации на Нетпрес дека процесот на селекција на вработени во Агенцијата за национална безбедност се одвива спротивно на законот и по партиска линија ги потврдени од пратеникот Трајко Димков. Тој денеска си поднесе оставка од Комисијата за селекција и избор на работници од УБК во Агенцијата за национална безбедност поради низата неправилности кои ги увидел при вработувањето во новоформираната Агенција.

Димков во писмото кое го испраќа и до премиерот Заев наведува дека изборот се вршел на субјективни, па дури и политички критериуми.

„Изборот на кадри за АНБ беше компромитиран од самиот почеток и повеќе се базираше на субјективни па дури и политички, наместо на објективни, јасни и однапред утврдени критериуми“. Ова го изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Трајчо Димков, кој поднесе оставка од местото член на Комисијата за селекција и избор на работници од УБК во Агенцијата за национална безбедност.

Изборот на кадрите, според Димков, е фарса, а при селекцијата важно е оценувањето на вработените од страна на нивните претпоставени. Тој побара да се ревидира начинот на вршење на безбедносни проверки за да се утврди како е спроведено сегашното оценување на кандидатите, како и дека не се постапило согласно со информацијата на Државната комисија за спречување корупција во однос на судир на интереси при вработувањето.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска не сакаше да одговори на наводите за незаконитости при процесот на селекција за Агенцијата за национална безбедност.

„Тоа ќе го прашате директорот на Агенцијата. Таму беа претставници од УБК, новиот директор, претседателот на комисијата, претставници од паламентарното мнозинство и од опозицијата и колку што знам сите го потпишаа записникот за спроведување на проверките, така да како и кои луѓе се преминати, преку кои критериуми се примени во новата Агенција, информации ќе добиете од луѓето од комисијата“, рече Спасовски одговарајќи на новинарско прашање за тоа како се бираат кадрите во Агенцијата која треба да се грижи за безбедноста на државата и граѓаните.

Нетпрес, од извори од Агенција доби информации дека екипирањето на АНБ во изминатиот период се врши спротивно на Законот за формирање на оваа агенција и целосно по партиска линија и претходно утврден „список“ на лица кои треба да преминат од УБК во АНБ.

Покрај ова, извори од Агенцијата, а истото го потврди и пратеникот Димков не се извршени и најсуштинските тестирања за новите разузнавачи како тестот на интегритет, писмо тестирање и други проверки. Според нашите извори, неправилности се сторени и при издавањето на безбедносни сертификати.