Потврдено учеството на 40-ина Германци во војната во Украина

Неколку десетици екстремисти од Германија се вклучиле во судирот во Украина на двете страни, одговори германското министерство за внатрешни работи на прашање на новинарите на Die Welt.

Весникот Die Welt во своето неделно издание, пренесува германската новинска агенција DPA, пишува дека министерството регистрирало заминување на 61 лице „поврзано со екстремизам или политички мотивирани злосторства“.

Во случаите на 39 од нив постоеле јасни знаци дека ја напуштиле Германија „за да учествуваат во судирите“. Од нив, пак, 27 се проруски а 12 се проукраински настроени, според министерството за внатрешни работи.

Властите за повеќето од нив имаат докази дека учестувале во судирите. Меѓу нив се екстремисти и од десницата и од левицата.

Учеството во судирите во Украина не е казниво, рекла за Die Welt портпаролката на министерството за правосудство. Тоа важи „сѐ додека не дејствуваат како платеници, туку како припадници на регуларните вооружени сили“ и доброволечките единици и паравојски. Моѓутоа, тоа не ги штити од истраги за воени злосторства.

Весникот пишува и дека сојузниот обвинител не сакал да одговори дали против овие лица ќе бидат поведени соодветни истраги.