Повеќе членки на ЕУ го условуваат одобрувањето на кандидатски статус на БиХ

Сите држави во Европската унија го поддржуваат нејзиното ширење на западен Балкан, вклучително и Босна и Херцеговина, но некои не ги повлекуваат барањата оваа земја да покаже напредок за да се стекне со кандидатски статус, а заговорник на тој критериум е Чешка кој во моментов претседава со Советот на ЕУ,

Таквиот став го потврди чешката амбасадорка во БиХ, Ивана Хлавсова, која во понеделникот за бањалучкиот дневен весник Независне новине вели дека е јасно дека некои членки на ЕУ заговараат на БиХ веднаш и без дополнителни условувања да ѝ се одобри статусот кандидат за членство, но повеќето се против таквиот пристап и сакаат БиХ да спроведат барем дел од 14-те приоритетни реформи кои Европската комисија ги дефинираше уште во 2019 година.

„Повеќето сметаат дека БиХ би требала да оствари извесен пред кандидатурата. Чешкото претседавање и Делегацијата на ЕУ и БиХ, која работи важна работа, продолжуваат да ги потсетуваат домашните власти колку е важно да се исполнат условите за кои веруваме дека се достижни. Ние порачуваме дека ни се потребни добри вести за да можеме да водиме плодна дискусија во ЕУ. Мораме да имаме нешто што можеме да го претставиме, бидејќи во спротивно ќе биде тешко да се убедат многумина во ЕУ БиХ да добие кандидатура“, вели Хлавсова.

Амбасадорката притоа не наведува кои држави го заговараат безусловното одобрување на кандидатскиот статус на БиХ.

Чешката амбасадорка вели и дека ставот на нејзината земја е дека е дојдено време по 27 години од потпишувањето на Дејтонскиот договор за запирање на војната во 1990-те, сериозно да се размисли за промени на Уставот на БиХ кои е составен дел на тој документ. Хлавсова истакнува дека тоа бил документ чија цел била да се запре војната, а не да биде долгорочен аранжман за државата.

Потсетува дека БиХ ниту до денес не ги спровела петте пресуди на Европскиот суд за човекови права со коишто е потврдена дискриминација на граѓаните во изборниот процес заснована на нивната етничка припадност или местото на престој, а според оцената на Хлавсова тие аномалии не можат да бидат исправени без промени на Уставот.

Потврди дека во Прага на 6-ми и 7-ми октомври ќе биде одржан самит на државите членки на ЕУ и западен Балкан, на кој ќе се зборува за иницијативата на Франција која сака да воспостави Европска политичка заедница како платформа за дијалог меѓу сегашните членки на Унијата и државите кои сакаат да ѝ се придружат.

Покрај државите од подрачјето на западен Балкан, на овој состанок се поканети и Украина, Молдавија, Турција, Грузија, Ерменија и Азербејџан.