Повеќе лица се повредени на снимањето на продолжението на филмот„Гладијатор“

Како што пренесуваат странските медиуми, на снимањето на продолжението на добитникот на Оскар во 2000 година, „Гладијатор“ повредени се шест лица кои биле вклучени во продукцијата. Лицата добиле медицинска помош поради изгореници по несреќа што се случила на сетот во Мароко.
„Во текот на снимањето на планирана каскадерска сцена на сетот на продолжението на „Гладијатор“ се случи несреќа каде што неколку членови од екипата се здобија со повреди кои не се опасни по живот“, рече портпаролот на компанијата „Парамаунт пикчерс“ во изјава за Си-Ен-Ен.
„Благосостојбата на актерската екипа ни е од најголема важност, а во сите наши продукции имаме строги здравствени и сигурносни процедури. Ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата и ќе ги преземеме сите потребни додека да продолжиме со снимањето“, наведе портпаролот на Парамаунт.
Ова продолжение го режира Ридли Скот, кој воедно беше заслужен и за првиот филм, а актерската екипа ја чинат Кони Нилсен, Дерек Џакоби, Пол Мескал, Педро Паскал, Дензел Вошингтон и Џозеф Квин.
Премиерата на филмот се очекува во ноември 2024 година.