Повеќе од 20 илјади фанови на претставувањето на Меси

Американскиот фудбалски клуб Интер од Мајами пред 20.000 мокри но еуфорични навивачи го претстави своето најголемо засилување, седумкратниот освојувач на Златната топка, Аргентинецот Лионел Меси.

Ниту дождот, ниту грмежите не ги спречија илјадниците навивачи да се соберат на стадионот во Форт Лодердејл за да ја пречекаат аргентинската ѕвезда, а поради временските услови официјалната презентација доцнеше околу еден час.

Откако беше претставен, седумкратниот добитник на Златната топка отиде до средината на теренот, по осветлена писта облечен во маица и фармерки и беше претставен со розев дрес на Мајами со бројот 10, пред да ѝ се обрати на публиката со неколку кратки забелешки на шпански.

„Многу сум среќен што решив да дојдам да играм во овој град со моето семејство, што го избрав овој проект и не се сомневам дека многу ќе се забавуваме и дека ќе се случат многу убави работи. Одвај ги чекам натпреварите.Ја чувствувам истата желба која секогаш ја имав за натпреврување, дека навистина сакам да победувам и да му помогнам на Мајами да продолжи да расте“, изјави 36-годишниот Аргентинец.

По неговите изјави, видео компилација со добри желби беше прикажана на големиот екран на стадионот а вклучуваше пораки од поранешниот бек на НФЛ Том Брејди и НБА играчот Стивен Кари.

Доаѓањето на Меси е големо засилување за профилот на фудбалот во САД, кои заедно со Мексико и Канада ќе бидат домаќини на Светското првенство во 2026 година. .

„Како и сите вие, јас одвај чекам да го видам Лео како излегува на теренот во нашите бои“, им рече Бекам на публиката неколку моменти пред да биде претставен Меси.

Но, Меси има тешка задача пред него, бидејќи Мајами е без победа во 11 натпревари во МЛС и е последен во Источната конференција со 18 бода по 22 натпревари.

Пред Меси беше претставен неговиот поранешен соиграч од Барселона, Серхио Бускетс. Двајцата од клупата ќе ги предводи Херардо Тата Мартино, кој веќе ги тренираше Бускетс и Меси во Барселона, а вториот и во аргентинската репрезентација.

Меси би требало да дебитира за Интер Мајами на 21-ви јули против мексиканскиот Круз Азул.