Повеќе од половината Британци сега би гласале за враќање во ЕУ

Процентот Британци кои сметаат дека излегувањето на Велика Британија од Европската унија е грешка, достигна рекордно високо ниво и го надмина натполовичното мнозинство, покажа во вторникот објавената анкета на YouGov.

Со малку економски придобивки по Брегзитот, 57 отсто од Британците анкетирани во јули, сметаат дека одлуката за напуштање на Европската унија во јуни 2016 година е погрешна, во споредба со 32 отсто кои сметаат дека е исправна.

Повеќе од половината, односно 55 отсто, би гласале за повторно влегување во ЕУ, наспроти 31 отсто кои рекле дека би биле за останување надвор од Унијата доколку референдумот се одржи на денот на анкетирањето.

Пред нешто повеќе од две години, во јануари 2021 година, 49 отсто од анкетираните изјавија дека ќе гласаат за повторно приклучување, додека 37 отсто би биле против.

Британскиот премиер Риши Сунак во мај изјави дека Брегзит носи свои бенефиции, наведувајќи ја политиката на слободни пристаништа и намалувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ), што според него ќе ги поевтини пивото и санитарните производи.

Економистите велат дека слободните пристаништа, посебните зони кои содржат даночни и царински олеснувања и поедноставените трговски регулативи, веројатно нема да ја поттикнат британската економија, но може да имаат ограничена вредност како алатка за регионален развој.

Британските деловни вложувања одвај пораснаа од средината на 2016 година, за разлика од во другите напредни економии.

Додека економистите кои го поддржуваат Брегзитот укажуваат на фактот дека капиталот силно растеше во годините до 2016 година и требаше да забави, деловните анкети укажуваат на Брегзит како една од причините за стагнација.

Анкетата на YouGov во која учествуваа повеќе од 2.000 Британци покажа дека 63 отсто сега го гледаат Брегзитот повеќе како неуспех отколку успех, во споредба со 12 отсто кои го сметаат за повеќе успех.