
Повеќе од третина од бегалците од Украина сакаат трајно да останат во Германија, а повеќето таму се чувствуваат добредојдени, произлегува од истражувањето објавено во четвртокот.
„Меѓу испитаниците 26 отсто украински бегалци изјавија дека сакаат засекогаш да останат во Германија, а уште 11 отсто други планираат во Германија да останат најмалку неколку години“, се наведува во истражувањето под наслов „Бегалците од Украина во Германија – бегалство, доаѓање и живот“, коешто заедно го издадоа Сојузното биро за миграции и Институтот за истражување на германската економија.
Според ова истражување, околу една третина по завршувањето на војната сакаат да се вратат во Украина, додека 27 отсто од бегалците сѐ уште не решиле за своите идни чекори.
Околу 17 отсто од украинските бегалци во меѓувреме нашле постојано вработување, од кои 71 отсто станува збор за коишто е потребна висока или виша стручна подготовка.
„Во споредба со искуството со претходните бегалски групи, ова е многу висок процент“, изјави на преставувањето на истражувањето во Берлин, Херберт Брукер од Сојузното биро за миграции.
Стручњаците тргнуваат од претпоставката дека уделот на вработените меѓу бегалците ќе се зголемува по совладувањето на јазичните бариери. Повеќе од половината од украинските бегалци одат на курс за изучување на германскиот јазик.
Спореди истражувањето коешто на средината од ноември го објави германскиот економски институт Ifo, секој петти бегалец од Украина во Германија веќе нашол вработување. Тоа истражување покажа дека повеќе од половината од оние кои веќе нашле вработување, работат на работни места кои се под нивната квалификација.
За државјаните на Украина, според податоците на Германската индустриска и трговска комора (DIHK), при вработувањата не се на сила ограничувањата кои важат за другите странци кои не доаѓаат од некои од земјите од Европската унија. Нострификацијата на стручните дипломи, пак, е потребна само во здравствениот сектор.
Според истото истражување, две третини од Украинците имаат намера „најмалку две години“ да останат во Германија, додека една третина во секој случај има намера да се врати во татковината. За споредба, во последното претходно истражување од јуни повеќе од половината рекле дека имаат намера да се вратат дома.
За споредба, кога станува збор за бегалците од Сирија кои во голем број од речиси милион кон крајот на 2015 и почетокот од 2016 година пристигнале во Германија, квотата на вработените досега изнесува 37 отсто.
Во Германија во моментов престојуваат повеќе од милиони бегалци кои во текот на годинава дошле по почетокот на руската инвазија во Украина. Околу 80 отсто од возрасните бегалци се жени. Големо мнозинство од испитаниците рекле дека се чувствуваат добредојдени, додека само 7 отсто рекле дека немаат чувство дека се добредојдени во Германија.