Повеќе жени го обвинија Дејвид Коперфилд за сексуално злоставување

Американскиот магионичар Дејвид Коперфилд е обвинет од повеќе жени за сексуална злоупотреба во период од неколку децении, се вели во извештајот објавен во средата. Истрагата на британскиот весник The Guardian покажала дека 16 жени го обвиниле познатиот американски илузионист за наводно непримерно однесување кон нив и дека некои од нив тогаш биле помлади од 18 години.

Три од тие жени тврдат дека Коперфилд ги дрогирал пред секс.

Американското издание на The Guardian објави дека разговарале со повеќе од 100 луѓе и ги прегледале полициските и судските досиеја за да ја поддржат приказната, за која велат дека го опфаќа периодот од доцните 1980-ти до 2014 година.

Адвокатите на Коперфилд изјавиле дека тој негира дека сторил нешто лошо и дека „никогаш не се однесувал несоодветно кон никого, а камоли со малолетник“.

Овој сега 67-годишник беше обвинет за недолично однесување и во 2018 година, кога една жена по име Бритни Луис тврдеше дека тој ја дрогирал и сексуално ја нападнал три децении претходно. Коперфилд го отфрли тоа тврдење. Луис е една од 16-те жени во извештајот на The Guardian.

Весникот пренесува дека разговарале со друга жена, која не сакала да биде именувана, којашто рекла дека магионичарот ги дрогирал неа и нејзината пријателка пред да има секс со секоја од нив.

Една жена, која е идентификувана со псевдоним во написот на The Guardian, тврди дека првпат го запознала магионичарот по едно од неговите шоуа кога имала само 15 години. Таа тврди дека во текот на следните години, тој ѝ се јавувал доцна во ноќта и ѝ испраќал подароци. Кога наполнила 18 години, двојката имале односи со согласост, изјавила таа за весникот.

Коперфилд претходно беше под лупа поради неговите врски со обвинетиот трговецот со сексуално робје Џефри Епштајн, кој мистериозно почина во добро обезбедуван затвор во 2019 година. Неговото име беше спомнато во судските документи поврзани со Епштајн кои беа објавени во јануари годинава, но не на начин што сугерира дека сторил какво и да е кривично дело.

„Нашиот клиент не беше свесен за грозоморните злосторства на Епштајн… Како и остатокот од светот, тој дозна за тоа од печатот“, ги цитира The Guardian адвокатите на Коперфилд.