Повеќето кандидати по првиот круг од француските претседателски избори, очекувано, за вториот круг на 24-ти април го поддржаа актуелниот претседател Емануел Макрон кој според првите процени освоил меѓу 28,6 и 29,7 отсто од гласовите, пред кандидатката на крајната десница Народен собир (RN), Марин Лепен која освоила меѓу 23,5 и 24,7 отсто од гласовите.
Разочараната од неверојатно слабиот резултат од само 4,8 отсто од гласовите, кандидатка на најголемата опозициска партија конзервативната Републиканци, Валери Пекрес, директно не ги повика своите гласачи за кого да гласаат, туку рече дека таа ќе гласа за Макрон.
„Историската блискост со (рускиот претседател) Владимир Путин ја дискредитира кога станува збор за одбрана на интересите на нашата земја во овие трагични времиња. Нејзиниот избор би значел дека Франција станала ирелевантна на европската и меѓународната сцена, Според тоа, и покрај моето силно несогласување со Макрон… ќе гласам за него за да ја запрам Марин Лепен“, изјави Пекрес во обраќањето до нејзините гласачи.
Кандидатот на крајната левица Непокорна Франција, Жан-Лук Меланшон, кој е третопласиран по првиот круг со околу 21,7 отсто од гласовите, ги повика своите гласачи во вториот круг да не гласаат за Лепен.
„Знаеме за кого никогаш нема да гласате…. не смеете да ја поддржите Лепен… не смее да има ниеден глас за Лепен во вториот круг“, рече Меланшон во говорот пред неговите приврзаници.
Макрон го поддржа и кандидатката на речиси распаднатите француски социјалисти и париска градоначалничка Ан Идалго која освоила според процените само 1,9 отсто од гласовите.
„За со Франција да не завладее омразата против сите, сериозно ве повикувам на 24-ти април да гласате против крајната десница на Марин Лепен“, рече Идалго.
Кандидатот на Зелените, Јаник Жадо, кој освоил околу 4,7 отсто од гласовите, исто така, го поддржа актуелниот претседател.
„Ги повикувам гласачите на Зелените да ја блокираат крајната десница давајќи го гласот за Емануел Макрон“, им порача Жадо на своите гласачи.
Единствено засега кандидатот на екстремната десница Ерик Замур, кој првиот круг го завршува како четвртопласиран со 7 отсто од гласовите ги повика своите приврзаници да гласаат за Лепен.
„Имавме несогласувања со Марин Лепен по многу прашања… Но ако ривал на Марин Лепен е личноста којашто дозволи два милиона мигранти да влезат во Франција, личноста којашто не кажа ниту збор за безбедносата и миграциските проблеми во текот на својата кампања, тогаш ги повикувам сите мои гласачи да гласаат за Марин Лепен“, рече Замур обраќајќи се од својот изборен штаб.
Вториот круг ќе биде реприза на изборите од 2017 година, кога победи Макрон благодарејќи на востпоставената практика на сите француски избори во вториот круг сите да се сојузуваат против кандидатите на крајната десница.