Повеќето земји од ЕУ го зголемиле извозот на стоки во Русија во јуни

Само четири земји од 27-те членки на Европската унија ги намалиле извозот на стоки во Русија во јуни додека другите го зголемиле, според анализата на податоците на руските статистички служби којашто ја направила агенцијата РИА.

Според пресметките на агенцијата, намалување на извозот во Русија на месечно ниво во јуни бележеле Романија со минус 44 отсто, Белгија која го намалила за 15, Франција за 6 и Италија го намалила за 1 отсто.

Истовремено, во јуни неколку членки на ЕУ за повеќе од двојно ги зголемиле испораките на своите стоки во Русија. Така, рускиот увоз од Шведска се зголемил за 2,6 пати, од Луксембург за 2,4 пати, од Грција за 2,3 пати, од Ирска и од Хрватска за по 2,1 пати. Најголем раст на испораките на стоки во Русија во јуни имала Малта, но станува збор за незначителен обем велат од РИА.

Значителен раст на извозот во јуни е забележан и од Унгарија со плус 55 отсто, Данска со зголемување од 82 отсто, Латвија со 89 отсто, Полска го зголемила за 50 а Португалија за 69 отсто.

Кога станува збор за обемот на стоките извезени во Русија во јуни изразен во евра, предничи Германија со 1,2 милијарди евра, а следуваат Италија со 537 милиони и Полска со 403,4 милиони евра. На четвртокот место е Холандија со 285 милиони а „првата петорка“ ја заокружува Финска со 242,4 милиони евра само во јуни.

Најниска вредност на извозот во Русија во јуни од членките на ЕУ забележале Кипар со 509,000 евра, Хрватска со 2,4 милиони, Луксембург со 9,9, Португалија со 10,8 милиони и Грција со 12,7 милиони евра.

Компаративни вредности не се дадени, но се истакнува дека по почетокот на руската инвазија во Украина на крајот од февруари, Европската унија ги продлабочи санкциите против Русија воведени уште во 2014 година по почетокот на украинската граѓанска војна, и се воведени осум кругови на ограничувања на извоз и увоз. Главните санкции се однесуваат, покрај на блокирањето на финансискиот и енергетски сектор на Русија, се однесуваат на извозот на разни видови опрема, технолошки производи и стоки за широка потрошувачка во вредност поголема од 300 евра.