Меѓународниот вински фестивал ќе се одржи од 6 до 8 декември во Метрополис арената. Ќе се претстават 12 винарии, 10 домашни и две од Франција и Италија.Освен овие учесници, ќе има и компании од млечната, месната и пекарската индустрија. Идејата на овој фестивал е да даде дополнителна вредност на живеењето на скопјани кои се почитувачи на добрата забава.
„Целта на традиционалното организирање на Винскиот фестивал е промоција на богатата винска култура. Пред се, целта на фестивалот е да се негува и развива култот кон виното, така ја негуваме и сопствената традиција,“ изјави проект-менаџерот на Винскиот фестивал, Иво Ивановски.
Ќе се претстават најпознатите сорти грозје, 80 категории на вино и нивен редослед на служење, основна поделба на храната по состав и примена, комбинирање на соодветно вино со јадеа на основа на нутриционистички состав и органолептички карактеристики на виното.
Во рамките на фестивалот ќе се одржат и две работилници со цел подигнување на винската култура во земјата. Мотото на фестивалот е „пиј музика,слушај вино“,а цената на билетот е 100 денари. Цената на вината за време на фестивалот ќе биде намалена, така што добро вино со одличен квалитет, ќе може да се вкуси по пристапна цена.
Стручниот соработник Александар Вучковски советува дека за оваа цена, наместо едно вино, да земете повеќе вина по малку за да може да дегустирате што повеќе од понудените вина на винариите. На тој начин се врши размена на информации меѓу консументите и винариите.
За време на тридневното одржување на фестивалот,Факултетот за земјоделски науки ќе направи едно истражување за ставот и мотивите на потрошувачите, фактори кои влијаат врз изборот на виното, перцепцијата на потрошувачите за квалитетот на македонското вино како кое вино од која винарија се преферира.
„Потребно е да се направи едно појдовно истражување, а Скопје односно овој Фестивал е одлично место за тоа. Ќе се соберат сите љубители на виното и се еден репрезентативен примерок. Истражувањата по помалите градови не се баш релевантни, бидејќи доста се троши домашно вино,“ изјави Марина Нацка, асиситент на Факултетот за земјоделство.
За забавниот дел од програмата ќе бидат задолжени Жаклина Стефковска, Драган Мијалковски, Нокаут, Чалгија саунд систем, Симон Киселички трио, Стринг Форсис. Во петок попладне, кога почнува фестивалот ќе се случува најголемата after work забава.