Повеќе од 8.500 учесници на Виз Ер Скопскиот маратон

Повеќе од 8.500 учесници од 51 држава во недела ќе учествуваат на 13-то издание на Виз Ер Скопскиот маратон, еден од најмасовните и популарни спортски настани во Македонија.

Годинава, на маратонот ќе учествуваат 1.000 учесници повеќе од претходното издание.

Манифестацијата е финансиски поддржана од Град Скопје со 1,2 милион денари, а на располагање се ставени сите јавни претпријатија кои се под интегенција на Град Скопје.

За директорот на Виз Ер Скопскиот маратон, Кире Синадиновски, маратонот од година во година станува еден од најпосетуваните и најинтересни настани во Македонија.

– Како организатори на оваа манифестација секоја година со помош на бројните волонтери, поддршката од институциите и компаниите се предизвикуваме и квалитетот на Виз Ер Скопскиот маратон е се подобар и подобар. Ги покануваме сите да го проследат настанот и да се забавуваат за време на маратонот, полумаратонот, трката од 5 километри и штафетната трка. Како промоторки на Виз Ер Скопски маратон оваа година ни доаѓаат трите сестри близначки од Естонија, Леила, Лили и Лина Луик, кои минатата година учествуваа на маратонот на Олимписките Игри во Рио – рече Синадиновски.

Стартните пакети учесниците ќе можат да ги подигнат денеска до 19 часот и утре од 10 до 19 часот во Парк Хотел и Спа.

Стартот на маратонската и полумаратонската трка, како и на шатафетниот маратон е во 8:30 часот, а на трката од 5 километри 15 минути подоцна.

Во рамки на маратонот утре од 10 часот ќе се одржи и Детски мини маратон на кејот на реката Вардар, позади Парк Хотел и Спа. Партнери на Детскиот мини маратон се Македонски олимписки комитет и УНИЦЕФ.