Собранието во рамки на 72-та едница со 62 гласа „за” го донесе Дополнетиот предлог-закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Со новиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги неделно ќе има 4+4 часа домашна музика и најмалку 20 часа годишно домашна играна продукција субвенционирана од Владата за 50 отсто од трошоците.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе им помогне на оние кои сакаат новинарската професија да ја извршуваат професионално.
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски во реплика на пратеникот Марјанчо Николов од СДСМ, рече дека не е точно дека ќе ги контролираат содржините на играните и на документарните програми кои националните телевизии треба да ги направат.
„Тоа не е точно. Тоа е ваша грешка. Националните телевизии се обврзуваат да прават домашна продукција или да ги откупуваат правата, но тоа не значи дека тие ако не сакаат дека задолжително мора да аплицираат за поддршка која ја одвојува Владата токму за да се развие домашната играна и документарна серија во Република Македонија. Тие имаат лиценца и емитуваат слободно и никој не може да им влегува во содржината“, истакна Ивановски.
Тој праша која друга Влада има толку многу досега има инвестирано во Македонската радио телевизија, да ја опреми технолошки, ефикасно и со човечки ресурси, новинари кои се од голем број медиуми. Се избираат, укажа министерот, квалитетни кадри за да можат граѓаните да добијат еден респектабилен радиодифузен сервис кој ќе служи како пример за тоа како треба да се креираат содржини, да се емитуваат програми.
„Дополнително заедно со претставниците на Здружението на новинари за наредните шест месеци ќе направиме една поширока работна група каде што ќе се дискутираат сите слабости на функционирањето на јавниот радиодифузен сервис со цел тоа да се подобри и да биде многу поквалитетен“, додаде Ивановски.
Пратеничката од ДУИ, Сузана Салиу рече дека поради две многу битни прашања ги поддржуваат законите за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за медиуми.
„Ќе гласаме за овие предлози затоа што ние сме свесни дека медиумската култура сега веќе е нов политички критериум кој ни го постави Европската комисија. Ние се надеваме дека донесувањето на овие два предлог закони ќе придонесе во градење на оваа нова медиумска култура. Ги поддржуваме овие предлог закони во знак на доверба за дијалогот што го имаше Владата со ЗНМ, во знак на доверба кон поддршката на овој процес, која ја дадоа меѓународните фактори-САД, ЕУ, ОБСЕ. Донесуваме закони во согласност со европските стандарди за новинарство“, додаде Салиу.