Повеќе од 200 сириски бегалци стапија во штрајк со глад пред грчкиот Парламент во Атина, барајќи од грчката Влада да им издаде привремени работни дозволи и престојувалиште, јавува МИА.
Тие уште минатата недела почнаа да се собираат на главниот атински плоштад, жалејќи се дека за да преживеат присилени се, како што велат, „на црно“ да плаќаат многу поголеми наемнини за да живеат во сиромашни станови во Атина.
– Луѓето живеат во лоши услови. Добивме привремени патни документи, но никаде не можеме да одиме. Не можеме да работиме, да одиме во болница или да изнајмиме место за живеење, изјави Халдун Фадел (31), кој дошол од Дамаск.
Сиријците, кои стапиле во штрајк со глад, наведуваат дека само ќе јадат шеќер. Неколку десетици од нив устите ги залепиле со селотејп, оставајќи пред себе тенки парчиња леб.
– За некого станот што чини 250 евра месечно ние мораме да го платиме 1.000 евра, изјави Фадел.
Во неделата демонстрантите ги посети регионалниот гувернер, Рена Дуру, која вети дека ќе ги контактира претставниците на црквата и Владата за да им обезбеди привремено сместување.