Повеќејазичен интернет портал со поезијата на Ацо Шопов

По повод 70 години од објавувањето на првата поетска книга во слободна Македонија – стихозбирката „Песни“ од Ацо Шопов, на 8 октомври (среда), со почеток во 10 часот, Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ организира промоција на повеќејазичниот интернетски портал „Лирскиот дом на Ацо Шопов“.

Промоцијата на интернетскиот портал на кој голем дел од творештвото на Шопов и критичките осврти за него се достапни и на француски, шпански и германски јазик ќе биде отворена со поздравна реч на проф. д-р Славица Велева, декан на Филолошкиот факултет. Слово за поетот и за порталот на кој е објавен и обемен, дигитализиран архивски материјал ќе одржи проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, раководител на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, по што содржините на порталот кој со оваа промоција, за првпат ќе биде претставен пред јавноста, поопстојно ќе бидат претставени од Јасмина Шопова, носител на проектот „Лирскиот дом на Ацо Шопов“, препејувач и ќерка на поетот.

Иницијативата за овој интернетски портал, кој нуди панорама во зборови и слики на животот и делото на Ацо Шопов, обезбедени и преку личните архиви на неговата сопруга Светлана и на неговиот син Владимир (1948-2000), доаѓа од Ролан Кајзер – директор на издавачката куќа „PHI“ од Луксамбург и од Јасмина Шопова. Токму издавачката куќа „PHI“ и технички го оформи и го одржува овој интернетски портал којшто воедно е и прв од ваков формат посветен на македонски автор – онаков каков што и заслужува еден од основоположниците на современата македонска книжевност и еден од најголемите поети на југоисточна Европа на XX столетие.

Појавата на овој интернетски портал е од големо значење за современата македонска култура, бидејќи овозможува на медиум на новото време, во дигитална форма, на едно место, обемен материјал од и за еден од авторите чиј творечки опус е вграден во естетската вертикала на современата македонска поезија да биде подостапен за сите почитувачи, но и за сите сегашни и идни проучувачи, толкувачи и препејувачи на неговото творештво. Накратко, појавата на „Лирскиот дом на Ацо Шопов“ претставува настан во нашата културна средина, особено за помладите генерации кои сакаат и стручно да се посветат на слоевитоста и комплексноста на Шоповата поетска мисла, меѓу кои пред сѐ се оние кои својата професионална и животна определба ја имаат пронајдено во студиите на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Токму затоа, по оваа промоција, интернетскиот портал и понатаму ќе биде збогатуван со нови содржини – препеви и преводи и на други јазици, како и нови толкувања и вреднувања на поетскиот опус на Шопов, од кои еден дел, сигурно ќе бидат потпишани и од кадарот кој произлегува од клупите и амфитеатрите на Филолошкиот факултет во Скопје.

Свеченоста ќе се одржи во салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.