
Признанието „Повелба на Република Македонија“ денес од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов му беше доделено на Црвениот крст на Република Македонија.
Признанието му беше доделено на Црвениот крст по повод 70 години од формирањето, како организација која преку реализација на многубројни хуманитарни активности во различни сфери на делување, даде посебен придонес во обезбедување на помош и поддршка на ранливото население во државава и пошироко, а со тоа и афирмација и промовирање на меѓународното хуманитарно право и хуманите вредности.
Претседателот Иванов, од името на сите македонски граѓани, со оваа „Повелба на Република Македонија“ му се заблагодари на Црвениот крст на Македонија затоа што, како што кажа, со тоа што го прави, ја враќа надежта во човечноста.
Денеска сме тука за да се заблагодариме на Црвениот крст што веќе 70 години им служи на луѓето во неволја, и во Македонија и надвор од неа, рече Иванов на свеченоста, пренесе МИА.
Како што потенцира оваа организација, која е секаде и секому достапна, е изразена низ основните принципи на хуманост, непристрасност, наутралност, независност, доброволност, единство и универзалност.
Претседателот на Црвениот крст Милчо Трајков се заблагодари за признанието „Повелба на Република Македонија“ , и истакна дека организацијата оваа година одбележува два јубилеја.
Годинава организацијата одбележува 70 години од основањето и 20 години од полноправното членство во Меѓунардоната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
Со текот на времето Црвениот крст прерасна во институција преку која граѓаните на нашата држава го остваруваат својот волонтерски придонес во заедницата, средство за обезбедување помош, место за почитување и заштита на дигнитетот на луѓето, стана препознатлив и сигурен партнер за различни иницијативи или со други зборови пријател и подадена рака на лицата кои се нашле во незавидна состојба, истакна Трајков.
Црвениот крст на Македонија има 34 општински организации во земјата и Градската организација во Скопје.