Повисоките цени на нафтата ги зголемија кварталните приходи на „Saudi Aramco“

Нафтениот гигант „Saudi Aramco“ во вторникот објави дека неговите приходи благо пораснале во вториот квартал годинава, бидејќи повисоките цени на нафтата ја надоместија намалената продажба.

Приходите и другите приливи поврзани со продажбата во периодот од април до јуни изнесуваат 113,5 милијарди долари и се повисоки за пет отсто во однос на истиот период лани. Нето добивката е намалена за 3,4 отсто, на 29,07 милијарди долари.

Приходите од продажбата на нафта биле за 3,6 отсто пониски и се лизнале на 55,9 милијарди долари. Производството на јаглеводороди е намалено за 8,9 отсто, на 12,3 милиони барели нафтен еквивалент дневно.

„Saudi Aramco“ го намалува производството на нафта во договор со другите членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и група независни производители предводени од Русија за поддршка на цените. Во периодот од април до јуни, просечната остварена цена на нафтата изнесува 85,7 долари за барел, велат оттаму и е за 8,7 отсто повисока од истиот квартал лани.

Повисоките цени го компензираа намалениот обем на продажба и пониските маржи, па приходите на саудискиот нафтен гигант закрепнаа во вториот квартал, а падот на профитот беше многу поблаг.

Капиталната потрошувачка, пак, се зголемила за 14 отсто, на 12,1 милијарди долари, поттикната од инвестициите во зачувување на максималниот одржлив капацитет за производство на нафта и во работењето со гас.

Управата очекува рекордна побарувачка за нафта оваа година, од 104,7 милиони барели дневно, со огромен удел на Кина од 17 милиони барели дневно. Во наредната година, според нивните пресметки, побарувачката треба да достигне 106,1 милиони барели дневно, а 17,5 милиони барели дневно треба да падне на Кина.

Саудиската влада поседува речиси 81,5 отсто од „Aramco“, а саудискиот фонд за стабилизација PIF има удел од 16 отсто.