Повлечен цитостатик поради сомнителен квалитет

Повлечена е цела пратка на цитостатик од паралелен увоз, јави телевизија Телма.

Инспектори од Агенцијата за лекови МАЛМЕД, пред една недела влегле во Онкологија и ги побарале сите кутии од лекот, а не само една како што е пракса.

Во една од последните инспекциски контроли појавен е сомнеж во квалитетот на лек кој бил предмет на испектирање. Постапката на испитување на лекот е во тек. Поаѓајќи од нашите професионални начела на делување се до конечно завршување на постапката за испитување и контрола не можам да ви дадам подетални информации. Би сакал да Ве информирам дека лекот во овој момент не е достапен до пациентите, изјави Роберт Беќировски, директор на Агенција за лекови МАЛМЕД.

Директорот на онкологија тврди дека никој не ги информирал зошто се повлекува цела пратка од лекот. Кажа дека тој бил набавен преку паралелен увоз заедно со уште 5 други лекови. Повлекувањето на лекот нема да се оддрази врз пациентите, бидејќи сите се покриени со терапија за наредните две недели.

Лекот за прв пат го набавува Онкологија. Бидејќи не е на позитивната листа, но е регистриран во државата, досега пациентите сами го купувале.