Дека економските политики даваат резултат и оти во земјава се креира добра бизнис клима, потврда стигна од Светската банка. Во последниот извештај, од 189 анализирани држави, Македонија е втора во светот по стартувањето нови бизниси!
Процесот за започнување бизнис во Македонија е многу лесен и едноставен, сè може да се направи во еден чекор, објасни економистката на Светска банка, Валентина Салтане.
Во земјава може да се отвори фирма за два часа и со само една постапка, за разлика од пред десеттина години кога беа потребни 18 дена за целосно да се заврши работата. Постапката може да се направи по електронски пат, со едноставна процедура. 7-ми сме во делот на даноците, во земјава има мали давачки, на фирмите им се намалуваат трошоците и им остануваат повеќе пари за развој.
Преку ниските даноци, малите и средните претпријатија добиваат стотици милиони евра годишно. Државата не им го одзема она што тие го остваруваат како профит, па потоа преку прераспределба да им го враќа назад, туку им остава сами да го раководат, објаснува првиот финансиер во државава, Зоран Ставрески.
Има евидентен прогрес, сетот мерки и активности кои ги направи Владата се рефлектираа позитивно на привлекувањeто странски инвестиции, на поддршката на домашните инвестиции и компании, а ова на крајот имаше влијание врз динамизирањето и остварувањето прилично добри економски резултати, објаснува универзитескиот професор, Дарко Лазаров.
Домашните компании – двигатели на развојот
Стопанските комори во земјава сметаат дека домашните компании можат рамноправно да се носат кога се во прашање инвестициите и отворањето нови работни места. Потребна е поголема поддршка за постигнување на заедничката цел. Тоа беше и едно од главните барања на Сојузот на стопански комори, да се обезбедат наменски кредити со пониски каматни стапки за да се стимулира извозот и извозно ориентираните компании.
Време е Македонија, како најбрзорастечка економија во регионот и една од најдобрите земји за водење бизнис, да се посвети на поголема поддршка и стимул за приватниот сектор, за да се зголеми бројот на работни места, да се подобрат стандардот и квалитетот на животот на граѓаните, рече претседателката на ССК, Данела Арсовска.
Цениме дека преку МБПР може и треба да има поголем обем на финансиски услуги за крајните корисници, и тоа со единствена цел – поддршка на домашните компании и на извозот, вели извршната директорка на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева.