„Повоздржаната“ европска фискална политика е важен фактор за послаб раст

Глобалната економија се покажа поотпорна од очекуваното, но Европа заостанува зад САД, со „повоздржана“ фискална политика и послаба куповна моќ, рече претседателот на швајцарската централна банка Томас Јакоб Улрих Џордан.

Минатата седмица Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF) маргинално ја зголеми прогнозата за растот на светската економија оваа година, со силен раст на активноста во САД и Кина и ослабена еврозона под притисок на зголемените трошоци за задолжување.

Најмногу повторно ја подобрија прогнозата за американската економија, за која сега предвидуваат дека годинава ќе порасне за 2,7 проценти, истакнувајќи ја солидна продуктивност и зголемена вработеност, како и силна побарувачка.

Според ММФ, економијата на 20-члената еврозона би требало да порасне за само 0,8 отсто, прогнозираат тие, истакнувајќи дека шоковите од претходниот период и строгата монетарна политика ја кочат активноста.

Светската економија е нешто поотпорна отколку што се очекуваше пред шест месеци, но растот е нерамномерен, изјави швајцарскиот гувернер за радио и телевизиската станица SRF во саботата.

Економијата на САД силно расте благодарение на „поекспанзивната“ фискална политика и континуираната силна лична потрошувачка, истакна Џордан.

Европа, пак, е во потешка позиција со оглед на „повоздржаната“ фискална политика, повисоките цени на енергијата отколку во САД и значително послабата куповна моќ на граѓаните, додаде тој.

Економскиот раст и продуктивноста се премногу слаби, нагласи Џордан, а долгот и буџетскиот дефицит во многу земји се превисоки.

Слабиот раст е еден од предизвиците што треба итно да се реши, смета тој, издвојувајќи ги неопходните реформи за подобрување на продуктивноста и стимулирање на економската активност.

Џордан ја напушта функцијата на крајот на септември, повеќе од две години пред официјалниот крај на неговиот мандат. „Погоден е моментот да се пензионирам, изјави гувернерот на SNB на почетокот на март, по „различни предизвици во изминатите години“.

Швајцарската централна банка (SNB) не ја наведе причината за заминувањето на Јордан и не сакаше да ги коментира шпекулациите дека тоа би можело да биде од здравствен карактер. Џордан имаше операција на срцето во 2021 година, но за кратко време се врати на работа. На чело на SNB од јануари 2012 година. Во 2020 година владата му додели уште еден мандат и тој требаше да ја води банката до 2027 година.

Неговите два мандатa се совпаднаа со веројатно најтурбулентниот период во 117-годишната историја на SNB. Тој успешно ја ограничи инфлацијата, но наиде на критики поради доцниот одговор на SNB на навестувањата за криза во „Credit Suisse“, која кулминираше со нејзиниот колапс.