Повредените во несреќата кај Велес се надвор од животна опасност

Надвор од животна опасност се сите дванесет патници, меѓу кои и две деца на возраст од 3 и 5 години како и млада девојка на 19 години по денешната тешка сообраќајна незгода во која на железничкиот премин кај поранешна велешка Порцеланка во комбето со патниците удри воз. Сообраќајката се случи околу пладне, а локомотивата долго време свирела и кочела пред да удри во задниот дел на комбето.

Според дежурниот хирург во велешката болница, сите пристигнати од сообраќајката имаат повреди од удари и нагмечувања по телото и по главата, но по сите анализи и прегледи немаат скршеници и се вон животна опасност. Најверојатно утре сабајле ке бидат сите пуштени на домашно лекување.

Во комбето кое вршело јавен превоз од Велес кон општина Чашка, биле жители на Чашка и неколкумина од село Мелница. Градоначлникот на општина Чашка, Горан Стојановски, побара од надлежните да се постави појасна сигнализација на овој премин.

„Контактирав со надлежните од ’Македонски железници‘ и побарав тие да излезат на терен и колку се во можност поскоро да го обезбедат овој премин на пругата со сообраќајна сигнализација и вертикална и хоризонтална“, рече Стојановски за МИА.

Екипите на СВР Велес извршија увид на местото на несреќата и потоа во болницата беа на разговор со патниците од комбето за да добијат појасна слика како дошло до оваа несреќа која за среќа, помина без страшни последици.