Повторно активиран еден крак од пожарот на Јасен

Еден од изгасените краци на пожарот кај ЈП „Јасен“ во Македонски Брод е повторно активиран, инфомираат попладнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во гасење на пожарот се вклучени специјалци на Министерството за внатрешни работи (МВР) и припадници на Армијата.

„Синоќа и утрово, а и досега, во предел на пожарите кај селото Тажево и ЈП ‘Јасен’ имаше магла помешана со чад, од којашто покрај непрегледноста, не беше безбедно дејствување по земја. По кревањето на маглата и појавата на ветер, се створија услови за распоредување на триесетте припадници на специјалните сили на МВР,  но повторно се појави огнот на дел од кракот којшто беше изгаснат во ‘Јасен’“, информираат од ЦУК.

По добиеното известување од ЈП „Јасен“ за реактивирање на пожарот на еден крак, предложено е еден дел од армиските припадници да помогнат во справување со кракот кон село Тажево и Брезница, а другите да се вратат назад кон „Јасен“ и да помогнат да се изгасне и тој крак.

Дејствувањето врз пожарот е во координација со Главниот штаб при ЦУК.

Претходно денеска од ЦУК информираа дека со гасењето на пожарот во Македонски Брод кај ЈП „Јасен“ е изгасен и последниот активен пожар во државата.