По подолга пауза, учениците од осум средни училишта во Скопје денеска повторно беа принудени да ги напуштат училниците поради дојави за поставени бомби. Според информациите од терен, закани за бомби пристигнале на електронските адреси на гимназиите „Владо Тасевски“, „Корчагин“ и „Јосип Броз Тито“ и други.
Информацијата ја потврдија од МВР.
„Денеска во 11:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека на електронска адреса на осум средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштето и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Досега сите закани за бомби во училиштата во Скопје и во другите градови беа лажни.