3.8 C
Skopje
понеделник, декември 23, 2024

Повторно е одложена премиерата на новиот Џејмс Бонд

Премиерата на последното продолжение на авантурите на Џејмс Бонд е повторно одложена и филмот „ No Time To Die“ треба да биде прикажан за прв пат на 8 октомври 2021 година, објави студиото МГМ.

Ова е трето одложување, а објавено е на Твитер профилот на познатиот британски таен агент Даниел Крег, кој ја игра главната улога.

Пандемијата на коронавирус затвори илјадници кина ширум светот и го наруши календарот на повеќето големи продуценти, од кои некои сепак се одлучија за стриминг за да се намалат загубите.

Есента, продукцијата на Бонд објави дека филмот ќе биде прикажан на 2 април 2021 година за да може да се „види во киносалите ширум светот“.

Вчера МГМ објави дека No Time To Die (во слободен превод Смртта може да почека) ќе биде премиерно прикажан на 8 октомври 2021 година.

Филмот за прв пат требаше да се прикаже на 31 март 2020 година во Лондон.

Во филмот, Џејмс Бонд ги остава своите активности во тајните служби за конечно да ужива во мирниот живот на Јамајка. Но, неговиот мир одеднаш го нарушува повикот на стариот пријател од ЦИА, Феликс Лејтер, кој го повикува на помош.

Негативецот го игра Американецот со египетско потекло, Рами Малек, кој освои Оскар за најдобар актер во 2019 година играјќи го легендарниот Фреди Меркјури од групата Квин.

Во актерската екипа се и Лашана Линч, Леа Сејдо, Ана де Армас, Бен Вишоу и Кристоф Валц.

Насловната музичка тема, наречена како и филмот, ја изведува младата американска пејачка Били Ајлиш.