Премиерот Зоран Заев придружен од адвокатите во вторникот се појави во Основниот суд Скопје 1 Скопје на закажаното рочиште за случајот „Поткуп”, во кој е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп за приватизација на државно земјиште и побара рочиштето да заврши до 12 часот, бидејќи имало закажано седница на Влада.
Судијката Дијана Груевска Илиевска го одложи рочиштето за септември, а во меѓувреме се чека обвинителство да утврди како тие докажи станале јавни.
Минатото рочиште за овој случај беше одложено, исто така, по барање на Заев кој тогаш имаше закажано средба со претставници на ОБСЕ, во врска со настаните во Собранието.
Претходните рочишта Заев даваше различни причини за да го одложи рочиштата со што се одолговлекува процесот против него. Најголемиот скандал се случи кога тврдеше дека имал средба со италијанскиот амбасадор, по што стигна демант од италијанската амбасада.
Адвокатот на Заев, Филип Медарски, побара да бидат отфрлени доказите од Посебните истражни мерки (ПИМ) кои се веќе објавени, а биле наводно „службена тајна“. Според него, снимките ги објавило лице кое имало контакт со нив со што сторило кривично дело „објавување на службена тајна“. Медарски побара издвојување на доказите, односно да не бидат докази во предметот снимките со разговорот Счавалиев – Заев кои беа објавени на YouTube и на други медиуми.
Премиерот Зоран Заев на едно од минатите одоложени рочишта во изјава за медиумите рече дека тој и адвокатите инсистираат да ги добијат копиите од посебните истражни мерки, односно видео снимките во чија веродостојност се сомнева неговата одбрана.
Според обвинителството, Заев од Николов побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден квадратен метар градежно земјиште во Струмица од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев. Една половина од парите требало да бидат за Заев, а другата за изградба на црква во Струмица.