По барање на одбраната, судењето за предметот „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев е одложено за 6 март, потврдија за МИА од Кривичниот суд.
Минатото рочиште, пак, беше одложено на барање на јавен обвинител кој го известил новиот судија во предметот Дарко Тодоровски дека не може да присуствува на судењето.
Заев во случајот „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од околу 160.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за легализација на градежно земјиште.
Инаку, премиерот Заев, придружуван од владина делегација денеска во Лондон ќе учествува на Самитот за Западен Балкан за привлекување странски инвестиции.
Последниот пат, процесот беше одложен на барање на јавен обвинител, кој наводно го известил новиот судија во случајот, Дарко Тодоровски дека не може да присуствува на денешното рочиште, кое е презакажано за 26 февруари.
Целата сага со судењето на Заев почна на 25-ти јануари минатата година, но рочиштето никако да се одржи. Првите два пати, судењето беше одложувано поради тоа што Заев бил на службен пат. Уште две рочишта потоа беа одложувани поради неприсуство на неговите адвокати.
Потоа, судењето беше одложено затоа што Заев тврдеше дека бил на средба со италијанскиот амбасадор во земјава, Карло Ромео, што беше експресно демантирано од амбасадорот, кој преку својот Твитер налог објави дека дента немал средба со никого и дека секоја различна информација е целосно неточна.
Во септември, пак, рочиштето беше одложено поради боледување на судијката Дијана Груевска-Илиевска.
Последниот пат, процесот беше одложен, бидејќи предметот не беше пристигнат од Апелацискиот суд, кој требаше да одлучи по жалбата на одбраната на Заев, која бара видеоснимките од посебните истражни мерки да не бидат користени како доказ во судската постапка за случајот „Поткуп“, затоа што делови од неа беа јавно објавени на видео-сервисот „Јутјуб“.
На социјалните мрежи веќе се поставува прашањето – која ќе биде следната причина поради која ќе се одложи процесот, кој веќе влегува во својата втора година без ниту едно одржано рочиште?