Реките и живиот свет во и околу нив не познаваат административни граници, ниту ги разбираат бариерите кои им ги поставуваме на патот, честопати и без некоја посебна причина.
Водотеците така постепено се сведуваат на базени со вода, а без живот.
Каскадите кои се градат во реките како застарени механизми за заштита од поплави и за формирање рибници се едни од тие пречки. Тие го оневозможуваат природното движење,го отежнуваат размножувањето и ги осиромашуваат водните заедници.
Дали се тие навистина потребни и доколку не, како можат да се отстранат? Ова е прашањето кое Центарот за истражување и информирање на животната средина Еко-свест ќе го одговори преку теренски и други детални истражувања во сливот на реката Пчиња.
Ќе ги проценуваме каскадите и нивните влијанија врз животната средина, влијанија врз биодиверзитетот, социо-економско значење и правен статус. Сите собраните податоци од теренската работа ќе бидат внесени во база на податоци, што ќе овозможи систематска класификација на влијанието на каскадите и ќе даде насоки за нивно отстранување.
Однапред програмиран симулатор ќе овозможи проценка на должината на речната поврзаност постигната со отстранување на секоја од каскадите и влијанието врз биодиверзитетот како резултат на нивното отстранување, што на крајот ќе овозможи приоритизирање на каскадите што треба да се отстранат за да се постигне најголема можна поврзаност и на најзначајното позитивно влијание врз екосистемот.
„Методологијата, базата на податоци и симулаторот првично користени во случајот со реката Пчиња понатаму ќе се користат на национално ниво за сите речни сливови во земјата.Базата на податоци може дополнително да се пополни со податоци од други речни сливови и ќе служи за идните проекти поврзани со реставрација на реките“, изјави Ѓорѓи Митревски, координатор за поддршка на заедници од Еко-свест.
„Овој проект е прв проект поврзан со реставрација на реките преку отстранување на каскадите во земјата. Тоа ќе даде можност да се воведе отстранувањето на браните и каскадите како важен механизам за обновување на реките. Исто така, проектот ќе ги идентификува клучните експерти и засегнати страни за други слични иницијативи посветени за реставрација на реките“. Додаде Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.
Целта е да се развие национално применлива методологија и база на податоци со симулатор за идентификација на приоритетни бариери за отстранување со користење на сливот на реката Пчиња како студија на случај.
Проектот ќе се спроведува во партнерство со здружението Геобалканика со поддршка на Европската програма за отворени реки – организација за доделување грантови посветена на обновувањето на реките.
Финансирањето од програмата Отворени реки е 67.200,00 евра (шеесет и седум илјади и двеста евра) за 12 месеци.
На крајот од проектот ќе биде изготвена научна студија која ќе ја постави основата за слични студии поврзани за евалуација на можностите за обновување на реките. Истата ќе се користи и како научен доказ за важноста на обновувањето на реките за здрави и поврзани екосистеми.