Пожар во близина на Атина, се евакуираат бегаци и мигранти

Пожар избувна претпладнево во близина на местото Лаврио на околу 60 километри од центарот на Атина, гори сува трева и ниска вегетација, а превентивно беше евакуиран импровизиран камп со околу 60-70 бегалци и мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.
Противпожарната служба на Грција интервенира со 21 пожарникар со 7 возила, 12 пожарникари со 6 возила од специјалната противпожарна единица, 2 пешадиски единици, 6 цистерни од општината и со 3 хеликоптери. Силниот ветер го отежнува гаснењето на пожарот, меѓутоа олеснителна околност е тоа што во близина е морето и брзо оди снабдувањето со вода на хеликоптерите.
Според грчката државна телевизија ЕРТ, на околу два километри од пожарот се наоѓа грчката индустрија за оружје, меѓутоа за сега, не е во опасност да биде зафатена од огнените јазици. Исто така не се во опасност и куќите што се наоѓаат во близина.