Пожари во централна и јужна Италија

Десетина пожари ја зафатија Централна и Јужна Италија, а во моментов најкритична е состојбата на Сардинија и во близина на Неапол.

Густ црн чад се издига и во близина вулканот Везув, каде огромен шумски пожар беснее веќе со денови.

Околу 600 пожарникари како и членови на агенцијата за цивилна безбедност учествуваат во гасењето на повеќе од сто пожари кои го зафатија југот на државата.

Според локалните медиуми изгорени се голем број на куќи а по втор пат во текот на оваа недела е наредена и евакуација на населението кое живее во загрозените области.

Од италијанската полиција велат дека во моментов се уште не е позната причината која довела до пожарите, но велат дека постои голема можност тие да биле подметнати.

Градоначалникот на Рим, Вирџинија Раги, изјави дека бројот на пожари во регионот е зголемен за најмалку четири пати во споредба со минатата година и најави дека ќе побара помош од Италијанската влада со цел пожарите што побргу да бидат ставени под контрола.