![133786471](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/07/133786471.jpg?resize=540%2C360&ssl=1)
Сите пожари во Црна Гора се ставени под контрола, иако и натаму тлее пожарот кај Забрѓа и Мркова, кај Херцег Нови.
Од Службата за заштита и спасување на Херцег Нови е соопштено дека нивните пожарникари голема помош добиле од канадерите од Хрватска, што, како што тврдат, биле поефикасни од противпожарните летала од Украина.
Активен е и пожарот на Видов врв, што зафатил непристапен терен, но не им се заканува на објектите.
„Во општините Тиват и Херцег Нови активни се пожарите на Коњевичи. На локациите каде претходните денови беа активни пожари се уште има активности, но ситуацијата е значително подобрена и е под контрола“, соопшти Директоратот за вонредни ситуации, пренесе РТЦГ.
Во текот на претходниот ден покрај воздухопловите од Украина, Швајцарија и Бугарија, во гасењето на пожарите беа вклучени и канадери од Хрватска, што делуваа во пограничниот појас меѓу Црна Гора и Хрватска.
Вчера попладне на тиватскиот аеродром слетаа уште два израелска авиона од типот„Ер Трактор“ што имаат капацитет на носивост од 3.000 кубици вода и веќе денеска тие ќе бидат ставени во оперативна употреба, наведе Директоратот.