
Канцеларија во која се чувал архивски материјал во Градската општа болница „8 Септември“ е опожарена ноќеска, но нема повредени лица. Причинета е само материјална штета.
Од Министерството за здравство информираат дека други простории не се зафатени со пожарот.
Пожарот е изгаснат од страна на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје од каде за МИА изјавија дека интервенирале со две возила и пет пожарникари. Пријавен е во 22:20 часот и благодарение на брзата интервенција на Противпожарната единица не е дозволено да биде проширен во околните простории.
Од ЈЗУ ГОБ 8ми Септември – Скопје, известија дека во просторијта биле сместени документи стари неколку децении и кои веќе биле предмет на постапка на архивско уништување.
„Во пожарот не е уништен ниту еден документ кој по важечките прописи мора да е архивиран и да се чува со законски предвиден рок“.