Пожар во печатницата во Битола, нема големи штети

АД печатница „Киро Дандаро“- Битола информира дека синоќа по 22 часот во еден од магацините на фабриката се случил незначителен пожар и без последици. Во изјава за МИА, директорот на печатницата АД „Киро Дандаро“- Битола, Драги Милошевски рече дека е опожарена отпадна хартија и нема други штети врз ресурсите во фабриката.

– Опремени сме со високозаштитна противпожарна опрема и пожарот беше изгаснат. Не се случи ништо посебно, ниту се предизвикани материјални штети, потврди Милошевски. Од Територијалната противпожарна единица-Битола, командирот Костадин Поповски, кусо изјави дека нивна екипа превентивно во 22:22 часот пристигнала во фабриката, но немало потреба од интервенција.