Пожар во руски магацин со муниција на границата со Украина

Жителите на две села во Белгородската област на југот на Русија, во близина на украинската граница се евакуирани поради пожар во магацин со муниција, потврди во четвртокот локалниот гувернер Вјачеслав Гладков.

„Според последните информации, нема настрадани и жртви. Жителите на селата Тимоново и Солоти се префрлаат на безбедна оддалеченост“, објави на Гладков на Telegram наведувајќи ги селата кои се на 15 километри од границата со Украина.

Гладков додава дека на местото на настанот се активирани сите служби во целосен состав и дека се работи на утврдување на причините за пожарот.

Областа на Белгород на почетокот од војната беше погодена од низа експлозии, како резултат на украински операции, по што руската војска одговараше со масовни гранатирања врз градови кои инаку не се цел на нејзините операции.

Руското министерство за одбрана претходно во вторникот изјави дека пожарот и експлозиите во складиште на црноморскиот полуостров Крим биле резултат на „саботажа“. Претходната седмица експлозии на муниција се случија на Крим, за што Москва рече дека било несреќен случај.

Украина ниту официјално ја презема, ниту ја отфрла одговорноста за овие експлозии.