Пожарот кој избувна доцна синоќа речиси целосно го пеплоса првиот кат од трговскиот центар „Глобал“ во Струмица.
Борбата на противпожарните единици со пламените јазици траеше до раните утрински часови, а според првичните извештаи од терен, изгореа најмалку 10 дуќани и затворениот пазар во ТЦ.
Местото и натаму го обезбедува полицијата а присутна е и екипа на ТППЕ Струмица, која внимава да не дојде до нов пожар и интервенира на местата каде се појавуваат пламени јазици.
Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, кој синоќа беше на местото на трагедијата, смета дека материјалната штета е голема, а за среќа нема повредени.
„Во овој момент се обидуваме она што може д се спаси да го спасиме. Добро е што нема човечки жртви. Штетата ќе биде голема. Сите противпожарни единици од Струмица и регионот се ангажирани. Во следниот период ќе треба да се прават анализи за причините за пожарот“, рече синоќа градоначалникот на општина Струмица.
Тој се заблагодари и на помошта во гаснењето во кое учествуваа и противпожарни екипи од околните градови и возила на ЈПКД „Комуналец“.