Пожари со невиден интензитет во најголемото мочуриште на планетата

Пожари со досега невиден интензитет беснеат во Пантанал, најголемото мочварно подрачје на планетата и извонредно живеалиште на различни видови, објави во четвртокот владата на бразилската сојузна држава Мато Гросо до Сул, оценувајќи ја состојбата како „критична“.

Посебно се стравува за зафатените три општини во непрегледната мовчарна рамница на југот од Браил, каде што е развиен екотуризмот. Сојузната држава Мато Гросо до Сул граничи со Парагвај и Боливија, каде што исто така се простира областа Патал, како и во бразилската сојузна држава Мато Гросо. Покрај големото богатство од флора и фауна со повеќе од 260 видови риби, 500 видови птици, голем број диви животни и мочварни растенија, ова подрачје ги привлекува туристите кои го посетуваат Бразил.

„Пожарите во оваа област се изненадувачки, зафаќаат повеќе од 50.000 хектари и предизвикуваат логистички проблеми“, изјави за новинарите по надлетувањето на овој регион, координаторот на Националниот центар за управување со опасни ситуации Паоло Барбоса де Соуза.

Според сателитските снимки на бразилскиот Национален институт за вселенски истражувања (INPE), околу 8.479 пожари се регистрирани во периодот меѓу јануари и октомври годинава во Пантанал, што е најголемиот број во последните 12 години. Само во октомври имало 2.427 пожари или 20 пати повеќе во однос на октомври минатата 2018 година. Тоа бил најтешкиот месец во последните 17 години според бројот на пожарите. Историскиот рекорд, пак, е забележан во 2002 година со 2.761 пожар во октомври.

Пожарите ги пустошат општините Корумба, десетина километри од границата со Боливија, како и Миранда и Аквудауна. Ги засилува ветерот и сувата вегетација, а државата Мато Гросо до Сул побара помош од сојузната влада во престолнината Бразилија. Со огнената стихија се борат само дваесетина пожарникари и персоналот на бразилскиот Институт за природна средина, со помош на локалните власти.