Пожарникарите во средата се справуваа со остатоците од шумскиот пожар во близина на Атина, во кој загина една жена, запали згради, зафати шума и принуди на евакуација илјадници луѓе.
Повеќето од огнените фронтови стивнаа три дена по избувнувањето на пожарот, но властите предупредија да не смее да има опуштање. „Пожарот сè уште трае. Сѐ уште не е ставен под контрола“, изјави функционер од пожарникарската служба.
Државните инспектори почнаа да ги проценуваат оштетените згради додека жителите се враќаат на нивните опожарени имоти, надевајќи се дека ќе најдат некои работи меѓу урнатините.
Стотици пожарникари со помош на 12 авиони го гаснат пожарот од неделата, додека пожарот се прошири од шума во близина на градот Варнавас, на 35 километри од главниот град, до северните предградија на Атина.
Грчката национална опсерваторија соопшти дека пожарот оштетил околу 10.000 хектари земја. Причината за пожарот се уште не е утврдена.
Грција е под предупредување за пожари на високо ниво до четврток, а прогнозираните температури се до 40 степени Целзиусови, што ја зголемува загриженоста за можни нови пожари. Шумските пожари се вообичаени во лето во Грција со години, но климатските промени донесоа потопло време и помалку дожд, зголемувајќи го ризикот.
Земјата, која неодамна ги заостри казните за подметнување пожар, се соочи со повеќе од 3.500 пожари од мај, што е зголемување за речиси 50 отсто во однос на истиот период во 2023 година, кога беа регистрирани 2.300 пожари, изјави владиниот портпарол Павлос Маринакис.
Премиерот Киријакос Митотакис претседаваше со состанокот посветен на последниот пожар во вторникот вечерта.
„Ние се обидуваме да ја подобруваме ситуацијата секоја година. Но, условите само се отежнуваат“, им рече тој на министрите, според владин претставник.
Пожарот од неделата брзо се прошири на неколку фронтови, достигнувајќи за неколку часа до крајбрежната област Неа Макри, историскиот град Маратон и предградијата на падините на планината Пентели, која се смета за едно од последните зелени бели дробови на Атина. Во понеделникот, една жена беше пронајдена мртва во запален локален бизнис во предградието Врилисија, на околу 10 километри од центарот на Атина.
Владата најави обештетување и мерки за помош за погодените од катастрофата.
Некои експерти рекоа дека пожарот можел толку брзо да се прошири поради феноменот наречен „spotting“, каде што ветровите носат запален материјал на долги растојанија. Ова предизвика постојано создавање на нови фронтови кои подоцна се споија.