Пожарникарите од Ранковце добија телефон, граѓаните не мора повеќе да одат во станица за да пријават пожар

По четири години функционирање без телефонска линија, од вчера Противпожарната единица на Општина Ранковце повторно има телефон и граѓаните не мораат самите да доаѓаат во противпожарната станица за да пријавуваат пожари, објави СДК.мк.

Околу 4.500 жители на руралната општина досега пријавувале пожари преку приватните телефони на пожарникарите, одејќи лично во објектот или преку пријатели и Пожарната во Крива Паланка.

Командирот на противпожарната служба од Ранковце, Раде Ивановски, вели дека проблемите настанале поради „инает“ на поранешниот градоначалник Ивица Тошевски.

– Ни го исклучи телефонот, нѐ остави без огрев, ни ги изнесе креветите за пасивен одмор, ја укина ноќната смена, останавме на минимална плата. Никако не можевме да најдеме разбирање со него. Мака мачевме околу информирањето за пожарите, не сфаќаше дека во прашање се доведува безбедноста на граѓаните и имотот на општината – вели Ивановски.

Тој посочува дека со доаѓањето на новиот градоначалник проблемите полека се решаваат, а противпожарната служба добила интернет и дрва за греење.

– Конечно од вчера, повторно имаме функционална телефонска линија 380-193, а градоначалникот и Општината ни обезбедија и огрев. Повторно се вратени и ноќните смени и работиме според вообичаениот распоред како и сите останати противпожарни служби. Во постапка сме и за нивелирање на платите според законските одредби и во согласност со платите на нашите колеги – додава командирот Ивановски.