Три дена по страотниот пожар која ја пеплоса познатата прилепска текстилна фабрика „Тила“, сѐ уште не се познати причините, а во тек е истрага од надлежните органи за нивно утврдување како и проценка на направената штета, соопштија од фабриката.
Оттаму додаваат дека во моментот на избивањето на пожарот фабриката не работела и нема повредени.
Во објава на Фејсбук, каде е објавено и видео и фотографии од пожарот која ја пеплоса фабриката Тила е наведено дека пожарот започнал од фотоволтаичните панели на покривот од зградата на објектот.
-Брендот Тила го градиме веќе 15 години и со години беше и е единствен македонски бренд на детска облека кој функционира професионално од типот на дизајнерските брендови. Создаден е со премногу љубов, преголем труд и чесна и макотрпна работа. Тоа што ни се случи е премногу болно и тешко за нас бидејќи е вложен многугодишен труд и средства за да изградиме современа фабрика и висок стандард на квалитет на нашиот бренд со кој ќе се гордеат сите Македонци. Сакаме да Ве информираме дека нашите продажни места и понатаму ќе продолжат со работа, а благодарение на нашите пријатели и нивната подршка производниот процес ќе го продолжиме во најбрз можен рок, соопштија од Тила.
Пожарот започнал во 13:20 часот на 21 април, а е изгаснат 35 минути по полноќ. Во текот на целото гаснење на пожарот интервенирале вкупно 20 пожарникари со 10 противпожарни возила, соопшти ЦУК во таа прилика.