Пожарот на Серта се шири кон селото Пиперово

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, информираше дека пожарот на планината Серта, кој е активен веќе седум дена, се приближува кон Калањево, но селото не е загрозено.

„Кон оваа позиција се упатени два хеликоптера на МВР, многу набрзо ќе почнат со дејство. Ќе се обидат да воспостават делумна контрола и уште поточно, да го оспорат овој голем пожар на планината Серта“, изјави Ангелов.

Тој побара разбирање од градоначалниците кои за секој пожар бараат воздушна поддршка, но како што вели Ангелов, за употреба на леталата постојат прописи.

„И покрај помошта од странство, ние немаме такви капацитети да ги покриеме сите барања. Постојат протоколи за тоа како леталата дејствуваат. Затоа апелирам да дадат се од себе и преку копно да ги совладаат пожарите. Секаде каде што има можност, да се прават таканаречени противпожарни пресеки, со орање со трактори, булдожери и други машини. За пожарот да не се пренесува“, рече Ангелов.

Тој рече дека во овој момент има уште неколку сериозни пожари. Како посериозни ги спомена и тие во кавадаречко Шивец и росоманско Сирково.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов во изјава за МИА информира дека пожарот на Серта се движи кон штипското село Пиперово, што е ново жариште на овој пожар.

Тој најави дека и вечерва ќе биде свикан кризниот штаб и мобилизација на луѓе и машини кои ќе го спречат огнот да влезе во селото Пиперово.

Кризен штаб со градоначалниците и институциите задолжени за справување со пожарите, Стојанче Ангелов најави за вечер во Општина Неготино.