Состојбата со пожарите што ја зафатија државата е променлива. Повторно имаме влошување на пожарот над Битола кој беше ставен под контрола, но една точка од пожарот излезе од контрола и се разви нов крак. Ова попладнево преку видео-порака го соопшти директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), посочувајќи дека пет „ертрактори“ и еден канадер се упатени кон Битола.
„Нема загрозување за Битола, ниту за околните куќи. Се обидуваме повторно да го ставиме под контрола. Најголема опасност во овој момент е пожарот на планината Серта, каде има 20-тина жешки точки на кои има одделни пожари“, рече тој.
Се врши координација со општинскиот кризен штаб за вклучување на сите расположливи сили и ресурси во согласност со потребите.
Заедно со градоначалникот Тони Коњановски, ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување е најавена поддршка во гасењето на пожарот.
На гасењето на пожарот над Битола интервенирале екипи од битолската противпожарна бригада и од јавните претпријатија, а подоцна кон гасењето се приклучиле и пет „ертактори“, од кои три од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗР) и двата кои како помош ги испрати Република Турција.
Вкупно десет воздухоплови во моментов се на располагање за гаснење на пожарите во земјава.